Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, вчера оствари работна посета на општина Велес каде имаше средби со градоначалникот Аце Коцевски и претставници на локалната бизнис заедница, при што ги посети и компаниите Маркард и Ронтис.
На средбата со градоначалникот Коцевски, министерката Апостолска беше информирана за економските развојни планови на општината, за капацитетите за гринфилд инвестиции во индустриските зони Караслари и Мамутчево, како и за браунфилд објекти кои би можеле да бидат понудени на потенцијални странски инвеститори. Стана збор и за реализација на концептот на дуално образование во општината во соработка со бизнис секторот, што беше заеднички оценето дека ќе придонесе за поголема конкурентност на локалните претпријатијата и намалување на невработеноста, како и на одливот на стручниот кадар.
Министерката Апостолска го информираше градоначалникот за можностите за финансиска поддршка кои произлегуваат од Планот за економски раст и кои им стојат на располагање на бизнисмените од Велес.
Во рамки на посетата, заедно со претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, пред триесетина сопственици на компании беа презентирани мерките за поддршка на инвестициите од трите столба на владиниот План за економски раст.
„Она што сакаме да го стимулираме е и зголемување на вложувањата на домашните компании во нови проекти, во проширување на сопствените бизниси, во градењето на деловни релации со успешни странски компании, како и во освојувањето на нови пазари. Намерата е економскиот раст и развој на земјава да го поставиме на здрави темели преку градење на успешни интеракции помеѓу домашните комапнии и странските компани, преку размена на искуства и знаења, преку усвојување на нови технологии. Само на тој начин домашното стопанство ќе може да одговори на предизвиците кои ги поставуваат глобалните пазари“, рече министерката Апостолска пред бизнисмените од Велес.
Во рамки на работната посета на општината, министерката Апостолска ги посети германската компанија Маркард и швајцарската Ронтис, при што имаше работни средби со менаџметот на компаниите, а на кои се разговараше за владините политики за поддршка на инвестициите, како и за плановите на компаниите за проширување на своите призводствени капацитети во земјава.