Во „Сити Мол“ во Скопје на петтото ниво од катна гаража претстојниот продолжен викенд ќе се одржи спортскиот спектакл „3х3“ баскет турнир. Ова ќе биде прв од седумте турнири планирани да се играат во Скопје, Штип, Куманово, Гевгелија и Охрид по што ќе се добие првиот шампион на македонската лига во „3х3“.
Турнирот на кој учество ќе земат 16 тимови доби поддршка и од Агенцијата за млади и спорт.
– Како Агенција за млади и спорт заеднички со Македонската кошаркарска репрезентација го поддржуваме Здружението 3×3 со цел афирмација и развој на овој спорт кој на Олимпијадата во Токио 2020 година ќе стане Олимписки спорт. Ве уверувам дека АМС и во иднина ќе поддржува вакви проекти и манифестации кои имаат за цел да го развиваат спортскиот дух. Апелирам до сите кои се во можност да дојдат и да ги проследат натпреварите, воедно и да уживаат и да се забавуваат со богата уметничка програма што ја подготви организаторот на турнирот, изјави Дарко Каевски, директор на АМС.
Натпреварувачкиот дел в сабота и недела ќе почне во 17 часот и ќе трае до 23 часот.
За победниците обезбедени се парични награди (1.500 евра за првото и 500 евра за второто место).
Присутните ќе имаат можност да проследат и натпревари во забивање и шутирање тројки.