Во општинското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода пуштена е во употреба целосно опремена сензорна соба за дечињата со посебни образовни потреби.
Ротари клубот Скопје – Св. Кирил и Методиј во соработка со Ротари клуб Скопје- Вест и АРС Ламина целосно реновира просторија, опреми училница – сензорна соба наменета за децата со развојни нарушувања и аутизам вклучени во редовната настава во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.
Во просторијата поставена е нова електрична инсталација, поставени се лед светла кои позитивно ќе влијаат врз сетилата на децата со посебни потреби, а во делот околу осветлувањето поставен е и гипс картон. Оваа училница доби и нови прозорци на кои залепена е украсна фолија. Покрај ова, донирани се меки подлоги за под и лепенки кои ги красат ѕидовите со јунаците од популарните цртани филмови.
Претходно училиштето од страна на претставници од Lions club international беше доставена донација од дидактички материјал, разни реквизити и играчки, кои ќе бидат од корист за учениците со пречки во развојот и аутизам.
На официјалното пуштање во употреба на сензорната соба присутни беа Горан Петковски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, претставници на Ротари клуб Св. Кирил и Методиј – Скопје, Ротари клуб Скопје – Вест, Сашо Јовановски, директор на училиштето и Велика Миленковска, дефектолог кој ќе работи со дечињата кои имаат пречки во развојот и аутизам.