Инспектори на Државниот просеветен инспекторат денеска биле нападнати на Меѓународниот Универзитет Струга, од страна на ректорот Армен Кадру, дознава „Макфакс“. Инспекторите, според нашите сознанија, се обиделе да спроведат вонреден инпсекциски надзор на Факултетот, но биле спречени од Кадриу, кој почнал да им се заканува и навредува со зборовите „Што сакате вие вагабонти?“. Инспекторите неколку пати се обиделе да му посочат на ректорот дека се дојдени службено и дека за тоа го известиле уште претходниот ден, но по неколку часа убедување, биле избркани со образложение дека ректорот како одговорно лице на Универзитетот, имал поважни работи.
Инспекторите случајот го пријавиле во Полициската станица Струга, а се пожалиле и кај директорот на Инспекторатот дека биле спречени во извршување на својата работа.
Причините за вонредна инспекција, неофицијално биле поради сознанија за работа со странски дипломи, кои не биле нострифицирани од страна на Министерството за образование.
Сличен скандал со Меѓународниот Универзитет Струга имаше и пред две години, кога Инспекторатот утврдил дека повеќе професори работеле без диплома или без нострифицирана диплома, меѓу кои се најде и актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, пред да биде избран на функцијата, беше министер без ресор задолжен за странски инвестиции во Владата на Заев.
Галена Николовска-Ризвановиќ