Агенцијата за филм и ДФРМ – партнерски ќе го унапредуваат македонскиот филм

Од:

Агенцијата за филм на Република Македонија и Друштвото на филмски работници на Македонија ќе ги зајакнуваат заложбите за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство. За таа цел Меморандум за соработка денеска потпишаа директорот на Агенцијата Горјан Тозија и претседателот на ДФРМ Игор Иванов-Изи.

– Филмови кои се случуваат овде и сега и говорат за предизвиците со кои се соочуваат актуелните генерации, го опишуваат и критикуваат општественото секојдневие, во обид да ја разобличат неговата застранетост, ќе бидат делата кои ќе го означат новиот почеток на македонското кино. Особен фокус ќе биде ставен на младите автори, европските копродукции и документаристиката, додека пак возобновувањето на македонскиот анимиран филм ќе претставува еден од клучните приоритети, наведуваат во заедничко соопштение Агенцијата за филм и ДФРМ.

Друштвото на филмски работници на Македонија, кое е основано во 1950 година и на чија иницијатива произлезе и основањето на Агенцијата за филм (претходно Филмски фонд на РМ) наведува дека долго време било исклучено од процесите на креирање стратегија и легислатива во доменот на филмот, што е негова примарна улога.

– Беше соочено со притисоци кон членовите да преминат во новосоздадени здруженија, обиди да му се одземе фестивалот „Браќа Манаки“, да му се оспори лиценцата за избор на македонски кандидат за Оскар. Во истовреме, Агенцијата за филм беше претворена во херметична институција која ги окупира сите надлежности поврзани со филмското производство, често работејќи под нетранспарентни и сомнителни околности, од кои прозлегоа и се уште произлегуваат вртоглави долгови, поддршка на партиски мотивирани проекти, индиции за несовесно постапување и ненаменско искористување на средствата наменети за филм, стои во соопштението на двете институции.

Со меморандумот за соработка се официјализира институционалната поддршка од Агенцијата за филм кон ДФРМ, а за возврат Агенцијата за филм, како што посочува, добива партнер во заедничките заложби за унапредување на македонскиот филм и креирањето современа и прогресивна културна политика за зацврстување и втемелување на нашата мала кинематографија во европското филмско семејство.

Во претстојниот период активностите на Друштвото ќе бидат насочени кон внатрешно консолидирање, интегрирање на младите филмски творци, едукација, промоција на македонскиот филм, активно учество во креирањето на националната културна стратегија во доменот на подвижните слики и подлабоко инволвирање во европскиот систем на филмски институции.

Актуелните приоритети на Агенцијата за филм, пак, се фокусирани кон стимулација и развој на оригинални идеи преточени во филмски сценарија, како и поголема вклученост на жените во сите области од филмското производство.

Би можело да ве интересира

Мони Дамевски избран за нов директор на ИФФК „Браќа Манаки“

Ана Ололовска

„Македонски анимиран филм 1971-1991“ – проект на ДФРМ

Ана Ололовска

ДФРМ стана член на Европската асоцијација за аудиовизуелна продукција

Ана Ололовска

ДФРМ едногласно ги поддржа мерките за спас на филмската фела и македонската кинематографија

Ана Ололовска

ДФРМ и Агенција за филм: Финансиската поддршка за филмските работници е разбирање на нивниот статус

Ана Ололовска

Издаден прирачник за филмаџии во издание на ДФРМ

А1он