Македонија ја гледам како идна членка на ЕУ и сметам дека дека земјата за тоа има добри предуслови, истакна Корнелиа Пипер, член на Бундестагот и државен министер во германското Министерство за надворешни работи, на семинар во Берлин што го организира Институтот за славистика на Хумболт универзитетот.
Во разговорот со студентите, како што пренесува Дојче веле, Пипер одговараше на повеќе прашања врзани за Балканот, меѓу кои и како гледа на проширувањето на ЕУ и европската иднина на Македонија?
– Со право министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле секогаш кога се во прашање европските интеграции се залага за транспарентност и вели дека и покрај нерешените конфликти, како на пример меѓу Македонија и Грција, и натаму треба да се залагаме за поголема Европа, за интеграцијата на новите членки, рече Пипер.
Таа се осврна и на евроинтеграцијата на другите земји од регионот. – Ќе кажам уште еднаш дека уметноста на дипломатијата се состои во тоа – имајќи ги предвид специфичностите на регионот, секогаш од нив да се извлечат најдобрите решенија за конфликтнине прашања, изјави Корнелиа Пипер.