Повеќе од 100 ученици, наставници и претставници на граѓанското општество и меѓународната заедница се собраа на 5 јуни, 2018 година во Скопје за настанот од проектот спонзориран од Фондот Градиме мостови на ОБСЕ, чија цел е подобрување на интеракцијата меѓу учениците од различни заедници.
Деца и млади од различни заедници од Заводот за рехабилитација на деца и млади, ОУ Рајко Жинзифов и М едукативниот центар учествуваа во различни истражувачки активности, учејќи за екологијата и зачувувањето на природата, важноста на разновидноста и силните пријателства.
„Беше прекрасно да се види една таква разновидна и ентузијастичка група млади луѓе, вклучително и деца со попреченост, да создаваат пријателства, надминувајќи ги линиите кои ги делат“, рече в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн. „Без посветени наставници и училишни администратори, овој проект немаше да се случи. Фондот Градиме мостови ќе продолжи да доделува грантови за училишта и детски градинки со различни наставни јазици и во 2018 и 2019 година“, рече тој.
Холандскиот амбасадор Вутер Пломп рече дека ценењето и прифаќањето на разликите е предуслов за силно и просперитетно општество. „Среќни сме што Холандија го поддржа овој проект кој вклучува деца од различно етничко и верско потекло. Мостовите што тие ги изградија се пример од кој сите може да учиме.“
Билјана Стерјадовска Стојчевска, раководителка на проектот, рече: „Учениците научија да се грижат за себе, но и за другите, да ризикуваат, да соработуваат и да даваат поддршка на своите другари без разлика на кој јазик зборуваат.“
„Драго ми е што Фондот Градиме мостови ни овозможи да запознаеме нови пријатели“, рече ученикот Ангел Ангелов. „Поминавме прекрасно време заедно и се надевам дека слични активности ќе бидат организирани и во иднина“.