Топката е на теренот на соседите да го направат одлучувачкиот чекор кон решение, а ние чекаме, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчката телевизија „Контра“.
– Она што го очекуваме е политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор за конечно да отидеме напред кон заемно прифатливо решение кон кое чини дека се стремат и двете земји. Господинот Заев ќе треба да заврши со неопходните политички активности во внатрешноста на неговата земја и тоа е она што го очекуваме, вели Ѕанакопулос во интервјуто.
Тој не сакаше да предвиди кога би се остварил телефонскиот разговор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас и уште еднаш рече дека „ништо не е договорено, ако не се договори сѐ“.
Портпаролот на грчката Влада во интервјуто неколкупати го повтори ставот дека Атина очекува од Скопје да го направи потребниот чекор за да се стигне до решение.
– Ништо не е договорено, ако не се договори сѐ. Во овој момент очекуваме од страна на политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор и да го прифати договорот. Нормално, за време на техничките преговори, сѐ што се договара се заведува во писмена форма. Она што го очекуваме е комуникацијата меѓу двајцата премиери, која во овој момент не може да се предвиди кога би се случила, објасни портпаролот на грчката Влада.
Ѕанакопулос истакна дека Грција нема никаков притисок, „дали временски или било каков друг за да се постигне договорот“, па затоа вели дека топката е на теренот на другата страна, а Атина единствено што може да направи е да чека.
Говорејќи за грчката телевизија, рече дека договорот јасно и конкретно ќе го гарантира завршувањето на фазата на менување на името, а изрази убеденост дека партиите во Грција тешко ќе најдат аргумент за да не го поддржат решението.
– Доколку постои договор на Нова демократија и на некои други од опозицијата ќе им биде многу тешко да најдат причина да не го гласаат, затоа што ќе биде таков што на најдобар можен начин ќе ги гарантира интересите на земјата. Ќе го гарантира комплетирањето на преодниот период кон новото име во соседната земја и ова ќе се направи со многу конкретни технички и обврзувачки услови, објасни министерот без ресор на Грција и портпарол на Владата и изрази надеж дека евентуалниот договор би можел да добие широка парламентарна поддршка.
Ѕанакопулос ги демантираше и ги отфрли обвинувањата од опозициската Нова демократија дека се стреми кон решение за во замена да добие олеснување за долгот.