Жена била затворена во казан за варење храна во Студентскиот дом во Охрид, а полицијата не сакала да го пријави настанот по наредба на тогашниот прв човек во СВР Охрид, Стефан Буџакоски, чиј пријател бил насилникот. Ова е еден од случаите што стојат забележани во дебелото досие на полицаецот од Охрид, Стевче Стевоски, за кои тој вели дека немало да имаат епилог ако не се трудел од петни жили да се дознае вистината.
Инцидентот се случил во август 2007 година. Оштетената и нејзиниот сопруг биле избркани од полициската станица кога дошле да пријават. Случајот ќе бил прикриен доколку полицаецот Стевоски не поднел пријава. Стевоски и за овој случај бил даден на дисциплинска, а подоцна бил и казнет оти, како што вели, го привел насилникот и со тоа не ја почитувал наредбата од Буџакоски. По пријавата од Стевоски, Буџакоски бил разрешен од функцијата. И покрај работењето спротивно на законот, за што Стевоски вели дека има докази, Буџакоски бил поставен за прв човек во внатрешната контрола, висока функција во СВР Охрид, каде што работи и сега, по промената на власта.
„Вработена беше нападната и ставена во казан за варење храна. Му наредив на дежурниот да изготви записник за пријава, но тој одби бидејќи од страна на непосредни старешини било наредено да бидат избркани од полициската станица. Дополнително, дознав дека истите тие пријавиле од студентскиот дом. Полициско комбе отишло таму, но по заканите, морало да се повлечат и не ги извршиле приведувањата. Кога реагирав, почна нова постапка, се изврши увид и го приведов и задржав именуваниот. По ова, денес, трпам последици бидејќи сум го привел именуваниот, кој е познат охридски човек, зет на познат охридски адвокат, а другар на тогашниот началник Буџакоски Стеван. Тоа никому не можам да му го простам. Поради совесно работење, бев казнат“, вели Стевоски.
Случајот добил разрешница на суд. Насилникот бил прогласен за виновен и добил условна казна затвор. Стевоски вели дека ова е само еден од случаите во кои Буџакоски, користејќи ја позицијата на моќ, селективно ги пријавувал настаните. Според Стевоски, Буџакоски реагирал на приведувањето жена што крадела во златарница бидејќи била негова роднина.
„Ме повика во неговата канцеларија и ми се закануваше. Ми викаше: ‘Кој си ти мојата тетка да ја приведуваш и да ѝ пишуваш кривична пријава?’“, сведочи Стевоски.
Во периодот додека началник бил Буџакоски, според Стевоски, се извршило и фалсификување лични карти за изборни цели. И за тоа вели дека постојат документација и докази. Стевоски се сомнева дека Буџакоски и од сегашната функција во внатрешната контрола се обидува да го деградира и да го отстрани од МВР оти криминалните дејства за кои тој не сака да молчи сѐ уште траат.
Буџакоски како дел од внатрешната контрола не реагирал на пријавата, каде што се тврди дека службеници од СВР Охрид, поради лични интереси, влијаеле да се направи преквалификација на делото за случај каде што биле претепани самохрана мајка и нејзиното дете. Наместо насилникот, кој добил условна казна, биле казнети оштетената мајка и полицаецот Стевоски.
„Дојде оштетената и пријави дека од страна на одредено лице била нападната и претепана. Таа беше со скршеници на носот и телото. Нападнато беше и малолетното лице. Од моја страна веднаш беше организиран увид на самото место за обезбедување траги и докази. Проблемот настанал во моментот кога поради лични интереси, односно потплатени полициски службеници, тие извршиле преквалификација од обид за убиство во кривично дело ‘загрозување на сигурноста’, кое предвидува само вербални закани, а не и физички напад. Јавниот обвинител, кој беше известен, констатира дека кон лицата бил вперен пиштол. Во ниту еден момент не се побара пиштолот. Не се поднесе кривична пријава за насилство или обид за убиство, туку само за загрозување на сигурноста. Целата постапка ја оставија. За трагедијата да биде уште поголема, именуваните (старешините) побараа од мене да поднесам прекршочна пријава врз мајката. Одбив по што добив дисциплинска постапка. Сторителот е слободен затоа што платил, и моите криминалци колеги му помогнале“, обвинува Стевоски.
Со одлука на службата со која раководел Буџакоски, полицаецот Стевоски бил преместен на пониско работно место и притоа му била изречена четвртата дисциплинска постапка по која требало да биде избркан од МВР според колективниот договор. Внатрешната контрола не утврдила вина кај полициските службеници поради кои е направена преквалификацијата на делото.
„Ги повикувам целото МВР и министерот, нека ги проверат состојбите и ќе видат дека МВР денес изигрува сообраќаен знак“, вели Стевоски.
Од Министерството за внатрешни работи не сакаат да навлегуваат во анализа на обвинувањата од Стевоски. Велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди секогаш постапува кога има индиции за сторена повреда на работниот ред и дисциплината, а во согласност со своите надлежности.
Кристијан Ландов