Реформата на јавниот сервис клучна за реформирање на целиот медиумски простор

Од:

Нема вистински реформи во медиумската сфера без сериозна реформа на Македонската радиотелевизија, што подразбира нејзино партиско ослободување и професионално работење. Одржливото финансирање е услов за политичка независност на јавниот сервис, но не и единствен зашто трансформација во влијателен медиум и во вистински сервис за граѓаните зависи од подеднаква заложба на повеќе фактори – и однадвор, но и во самата медиумска куќа.

Ова е еден од заклучоците од денешната дискусија „Предизвици за реформи во Македонската радиотелевизија“ што ја организираше Здружението на новинарите на Македонија.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека препораката од ЕК е политичка и финансиска независност на јавниот сервис, но дека и власта и опозицијата тоа го попречуваат.

– Власта ја напаѓа финансиската независност на МРТ, а опозицијата се обидува да ги задржи своите партиски војници. Владата во изминатиот период силно упадна во системот на финансирање на МРТ, беше укината радиодифузната такса и се воведе финансирање преку Буџетот. Таа мерка ни беше претставена како привремена, а притоа обемот на средствата е намален за 50 отсто. Ако МРТ во 2016 година имаше околу 20 милиони евра буџет, без да навлегуваме како се тие потрошени, во првите шест месеци од оваа година МРТ има околу 10 милиони евра, рече Селмани, прашувајќи како може да се направи посилен и попрофесионален сервис со помалку пари.

Се чуди, рече, и од односот на опозицијата зашто добила можност со новите измени на законот да го контролира начинот на избор на луѓето кои ќе влезат во Програмскиот совет, а од друга страна, рече, го блокираат законот. Според него, со инсистирањето да се задржи директорот на МРТ, ВМРО-ДПМНЕ е непринципиелна и не помага МРТ да се реформира. Забележа и што опозициската партија поднела 70 амнадмани на законот за медиуми а ниеден не е суштински и не се однесува на финансирањето на МРТ.

– Тоа е интервенција со која би помогнале да се создаде посилен јавен сервис, рече Селмани.

Директорот на МРТ Марјан Цветковски бил поканет на дискусијата но отсуствуваше. Новинарката на МРТ и член на УО на ЗНМ, Фиљана Кока, рече дека најголем проблем во нивната медиумска куќа е инсталирањето партиски новинарски кадар што, рече, се практикува од 1996 година.

– Од тогаш МРТ е во ропство и се додека не се ослободи од политиканството, што е погубно за јавниот сервис, излишно е да се зборува за реформи, рече Кока.

И Зоран Фидановски, член на ААВМУ, со став дека се додека јавниот сервис се третира како изборен плен, ќе нема суштинско подобрување.

– Затоа силно инсистираме централно место во медиумските реформи да има јавниот сервис и да функционира барем како оние од соседството. Одржливото финансирање е заднина на се. Добар старт ќе бидат 30 милиони евра годишно, рече Фидановски.

Дејан Георгиевски од Центарот за медиуми. исто така, смета дека финансирањето е клучно.

– Дури и два отсто од минатогодишниот буџет се најверојатно премалку пари ако сакаме јавен сервис по меѓународни стандарди и од она што им треба на граѓаните кои, инаку, досега никој и не ги прашал што сакаат. Сегашното решение за финансирањето можеби е стабилно и предвидливо на среден рок, но не и долгорочно, затоа што ни оддалеку нема да биде доволно, рече Георгиевски.

Според директорот на Македонската информативна агенција-МИА Драган Антоновски, парите се нужни, но решението за МРТ не треба да се бара само во власта, која било, во законот или од она што ќе се наметне однадвор, туку и од ангажманот и волјата на сите што работат во МРТ.

– Има и други агли кои треба да се потенцираат. Решение за МРТ има, но под услов да е од сите страни зашто тоа е повеќеслојно. Треба да се има волја – првин државата да ја ослободи од себе, и секој да вложи во неа. Прва и основна работа што мора да се направи е департизација, а второто е влогот во неа. Но, тука не е само државата, туку пред се вработените и тие кои ќе ги вработуваат. Законите се само алатка која спречува некаква ахархија, но важна е волјата од внатре што може да се направи и како може да се спакува. Дали постојано ќе се чека решението од надвор што ќе ни кажат или одвнатре ќе имаме некаква револуција за новинарските стандарди, рече Антоновски.

Во однос на МИА, рече, од неговото доаѓање пред неполна година бројот на вработени е ист, платите се непроменети и неатрактивни, но дека заложбата за поинаква и пофункционална организираност на Агенцијата – според професионални стандарди и ослободеност од политика и партиски притисок, придонела повеќе од 40 проценти да се зголеми продукцијата и дека МИА сега ја пренесуваат 99 отсто од медиумите, како што рече – и проопозицски, и независни, и провладини.

За квалитетот во информирањето на МРТ потребна е и развиена дописничка мрежа и дописни центри во сите 30-ина урбани средини во државата. Според податоците од анализа за источна Македонија, МРТ во тој регион со околу 150.000 домаќинства има само тројца вработени дописници, што е помал број и од најмалата локална телевизија. Не е активен ниту еден дописен центар зашто тие се изнајмени или станале угостителски објекти.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје