Афирмирање на општите утврдени безбедносни вредности, врз експертска анализа на актуелните аспекти на безбедноста и стабилноста е целта на денешната научно-експертска конференција на тема насловена „Безбедноста од аспект на внатрешните актуелни состојби и глобалните асиметрични закани“.
На Конференцијата, која е во организација на Клубот на генерали, Дипломатскиот клуб на Македонија, Балкански форум за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, ќе се дискутира како преку дебатата, идеите, опциите и конкретни заклучоци да се укаже на најефикасните начини за воспоставување на безбедна и политички стабилна средина во Република Македонија и регионот.
Според организаторите, на Конференцијата ќе бидат разгледани и анализирани новите димензии на воените закани во контекст на глобалните предизвици и современите манифестации на ризиците и заканите по безбедноста. Особен осврт ќе се даде на факторите кои влијаат или можат да предизвикаат закани по безбедноста на Република Македонија, како што се современите асиметрични и хибридни закани по безбедноста, организираниот криминал, корупцијата, различните манифестации на радикален национализам и екстремизам.
Предвидено е и да се разменат мислења за заканите во форма на прилив на бегалци, тероризам и дејства од позиција и идеолошка основа на исламскиот фундаментализам како последица од случувањата на Блискиот исток. Ќе биде анализирана неопходноста од соработка, интеракција и изградба на националниот систем за безбедност и одбрана во коалиционен формат со интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО.