Во Штип денеска беше отворен Граѓанскиот ресурсен центар, што ќе дава комплетна поддршка на невладиниот сектор. Валентина Атанасовска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) истакна дека со овој центар ќе раководи НВО „Медиа плус“ од Штип, а станува збор за тригодишен проект со вкупен буџет од 500.000 евра.
– Во него фокус се граѓанските организации во Македонија, каде што ќе бидат спроведени активности за нивно информирање, за градење на нивните капацитети. Меѓутоа и за соработка со владините институции за да може да се подобри состојбата со функционирањето на граѓанскиот сектор во Македонија, рече Атанасовска.
Таа забележа дека во последниот период е заблежено оти граѓанскиот сектор е вклучен во донесувањето на одлуките од страна на централната и на локалната власт.
Прашана дали невладиниот сектор почнува да добива финансиска поддршка од Владата и од локалната самоуправа и има ли некакви анализи во овој сегмент, Атанасовска истакна дека се уште не е направена анализа за финансирањето.
– Меѓутоа еден индикатор, што можеби звучи непозитивно е тоа што претходно Владата преку Генералниот секретаријат доделуваше пари на граѓанските организации. Меѓутоа, оваа година тој повик не излезе, вели Атанасовска.
Слободанка Блажевска, проектен координатор во „Медиа плус“-Штип на свеченото отварање на Граѓанскиот ресурсен центар рече дека овој центар ќе обезбеди иновативен и инспиративен простор за големите и мали локални граѓански организации и активисти и ќе пружи поддршка и лесен пристап до ресурсите потребни за нормално функционирање на Граѓанските организации.
– Со програмата ќе функционираат три ресурсни центри во Скопје, Гостивар и Штип, како и дополнителни мобилни ресурсни центри за целосна географска покриеност на државата. Покрај тоа, ќе се спроведат 18 обуки, 12 конференции, 27 „Отворени денови на Ресурсниот центар” во различни градови низ државата, ќе се обезбеди редовна логистичка поддршка на локалните граѓански организации, ќе се доделат oсум партнерски и 10 мали грантови за поддршка на локални и национални иницијативи, рече Блажевска.
Граѓанскиот ресурсен центар е дел од програмата Национален ресурсен центар за граѓанските организации, спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, а е поддржан од Европската Унија.