Уште десетина дена остануваат до големата Еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона, која ќе се одржи на 9-ти јуни.
Акцијата е во организација на Супер радио со поддршка на бизнис секторот, охридските медиуми и нашите еко пријатели од спортските друштва, но и на целата јавност од Охрид. Основната цел е во пресрет на сезоната градот да блесне во целата негова убавина и подготвени да ги пречекаме гостите на кои сите се надеваме дека и оваа сезона ќе ги имаме во голем број, потенцира Сашо Митаноски од „Мој Охрид, чист Охрид“.
– Претстојната акција е дел од една поголема акција која започна на почетокот на месецов. Ги повикуваме буквално сите кои се во можност ученици, спортски еко друштва, формални или неформални групи на граѓани да ни се придружат. Оние кои досега се пријавени веќе ги имаме поделено по зони. Сите останати можат на 9-ти јуни да дојдат самоиницијативно во зоната која е најблиску до нив, да го разберат тоа како прошетка со семејството. Да помогнеме сите заедно, да исчистиме за Охрид да биде уште поубав, потенцира Митаноски.
Покрај бројните граѓани, здруженија и клубови кои ќе бидат дел од акцијата, свој придонес ќе даде и Здружението З’ш авантура, со цел подготвени да ги дочекаме туристите, а пред се и за нас е подобро кога животната средина, градот, плажите и планините околу нас почисти, истакна претседателот на З’ш авантура, Жанко Голабоски.
– Со овие акции ќе ги мотивираме постарите и помладите граѓани, учениците и најмладите уште од најмали нозе да ја одржуваат седината чиста. Покрај оваа голема акција З’ш авантура продолжува со еден голем еко проект кој ќе трае во следните 5-6 месеци за чистење на планините „Еко Галичица 2018“ се со цел да привлечеме што повеќе домашни и странски туристи, со оглед на тоа што авантуристичкиот туризам е во подем. Ќе имаме шест месечно чистење на Галичица со оглед на се поголемиот број планинари, велосипедисти, параглајдеристи, организирани off road тури. Апелирам до сите граѓани да дадат придонес на претстојната акција, рече Голабоски.