Решението што ќе се постигне треба да биде добро решение, бидејќи, во спротивно, ние како влада одново ќе преговараме, вели одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.
– Ако владата не постигне добро решение, бидејќи ние не веруваме во решение само за да биде решение, туку веруваме само во решение со добро решение, ако нема добро решението ние сме подготвени по изборите, како нова влада, повторно да преговараме за ова прашање, вели Кумуцакос во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“, потенцирајќи дека решението треба да биде добро за земјата, а не за нив како партија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, рече дека доколку актуелната влада сепак донесе решение, тогаш тие ќе го стават под микроскоп договорот и ќе ги анализираат дури и запирките.
– Врз база на нашиот критериум, според кој, договорот го имаме опишано како комплетен, целосен, да не остава надвор ниту едно прашање, конечен, односно да не остава нерешени прашања за во иднина и секако да ја вклучува потребата за промена на Уставот, потребата за борба со иредентизмот и сл. Ние врз база на овие критериуми, ако дојде договорот, ќе земеме во раце една голема, силна, национална лупа и ќе го видиме договорот во целост, доколку се постигне, но ќе го разгледаме и секој детаљ од договорот и кога велам секој детаљ мислам дури и на запирките, бидејќи е многу критичен овој договор, доколку се постигне, рече Кумуцакос.
Тој смета дека во преговорите сѐ уште постојат нерешени прашања и потенцира дека забележува разидување на позициите на премиерот и министерот за надворешни работи.
-Од двете соопштенија, пуштени вчера од владата, едното од Министерството за надворешни работи, другото од премиерскиот кабинет, гледам разидување на тоновите. Пооптимистичко соопштението од Министерството за надворешни работи, помалку и многу внимателно, би рекол и во функција да го коригира првото соопштение во однос на оптимизмот, беше соопштението од кабинетот на Ципрас, вели Кумуцакос и додава дека освен ова, актуелната грчка Влада има уште еден проблем што „има име и презиме и се вика Панос Каменос“.
-Пред пет дена изјави дека тој самиот не гледа и не верува дека ќе има договор. Кога го изјави ова? Во исто време додека се водеа консултациите и преговорите на министерот за надворешни работи Коѕијас во Њујорк. Владата треба да ги земе предвид и внатрешните проблеми, додава одговорниот за надворешна политика во грчката опозициска партија, говорејќи за „ЕРТ“, пренесе МИА.