Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на својот твитер профил порача дека ЕУ е охрабена од последната рунда преговори помеѓу Скопје и Атина за спорот за името.
Хан, кој присуствуваше на неформалниот појадок организиран од Бугарија и Австрија со министерот Никола Димитров и европските министри за надворешни работи утрово во Брисел, на својот Твитер профил порача дека состанок бил „плоден“ и дека сите упатиле поддршка за преговарачкиот процес.
Fruitful discussion in friends of ?? breakfast. Thanks to @NikosKotzias and @Dimitrov_Nikola for their constructive, hard work! Everyone expressed wholehearted support to the negotiations. 1/2 pic.twitter.com/VPOGmaZOf7
— Johannes Hahn (@JHahnEU) May 28, 2018
– Консензусот е дека решение за името ќе биде пресврт за следните чекори во пристапниот процес за Македонија, напиша Хан.
Consensus in the room that a solution to the name issue will be a #gamechanger for the next steps in the ??accession process of ?? 2/2
— Johannes Hahn (@JHahnEU) May 28, 2018
Дипломатски извори за МИА откриваат детали од средбата утрово. Министерот Димитров ја отворил со воведен говор за напредокот на преговорите со Грција каде ги упатил истите пораки како и оние во јавноста: дека е постигната рамка за решение и дека експертски групи во двете земји го чешлаат текстот во Атина денеска. Ги брифирал и за текот на реформите кои ги бара ЕУ. Тој на министрите им порачал дека ова се „историски моменти за мојата држава“.
– Кога започнавме имавме значителни разлики, но како што напредуваме во процесот имам впечаток дека сѐ повеќе сме на иста страна, изјавил Димитров.
Министерот потоа настапил со список на реформи и напори кои ги направила Македонија во последните години од судските реформи, борбата против корупцијата, дијалогот со опозицијата, ослободувањето на медиумската сфера, како и подобрувањето на добрососедските односи.
Тој од земјите членки побарал да и помогнат на Македонија со тоа што ќе и дадат старт на преговори.