Струга воведува нов комунален ред, ќе нема алишта на терасите

Од:

Советот на општина Струга донесе одлука за воспоставување комунален ред на подрачјето на целата општина со чии одредби се уредуваат односите и начинот на вршење на комуналните дејности меѓу давателите и корисниците на услугите, како и мерките за нејзиното спроведување.

Целта на ваквата одлука, како што вели секретарот на општината Зоран Гулицоски, е да се воспостави комунален ред кој со години наназад е еден од напроблематичните сегменти во градот. Со неа ќе се уредуваат јавните површини, излозите, начинот на користење на рекламните паноа и уредувањето на другите површини. Опфатени се и надворешните делови на станбените објекти во Струга, кои доколку се оштетени, треба да бидат санирани.

– Одредени делови на станбените објекти како што се терасите, балконите, влезните врати, прозорците и друго треба да бидат уредни и чисти, а нивните оштетувања мора да бидат поправени. Ова, за жал, во Струга го имаме кај стотина објекти кои се до ден-денес руинирани и поради оштетувањата и дотраеноста го нагрдуваат општиот изглед на улицата и населбата. Тие треба да се уредат или да се срушат, објаснува Гулицоски.

Одлуката е донесена со цел да се стави крај на долгогодишното уништување на фасадите на станбените и деловните објекти со испишување пораки или нагрдување на друг начин. Со неа се забранува и изложување облека и други предмети на балконите од станбените објекти поради нарушување на општиот амбиент на околината.

– На прозорците и балконите може да се чуваат само цвеќа, украсни билки на начин што не ја загрозуваат безбедноста. Исто така граѓаните коишто имаат живи огради, треба да ги одржуваат и да ги кастрат за да не се загрозува безбедноста на сообраќајот, додава Гулицоски.

За успешно спроведување и почитување на законските одредби кои ја третираат комуналната дејност ќе се грижат униформираните комунални редари, кои имаат право да побараат лична идентификација на граѓаните, но и за изречат мандатни казни во висина од 50 евра за секое лице што ќе ги прекрши законските одредби пропишани со Одлуката за воспоставување комунален ред.

– Против прекршителите на одредбите на Законот за комунални дејности, за комунална чистота и Законот за управување со води може да се поведе и прекршочна постапка пред надлежните институции, предупредува Гулицоски. Доколку надлежните општински инспектори во својата работа бидат попречени, имаат право да побараат и помош од полициските органи.

Би можело да ве интересира

Изгаснат е пожарот во Безистенот во Струга, зафатена кровната конструкција

ВИДЕО: Гори Безистенот во Струга

Катерина Ѓуровски

Левица: Во јадрото на Старата струшка чаршија се гради незаконски без одобрение за градба

Горан Наумовски

Кривична за стружанец поради предизвикување пожар, запалил трева и ѓубриште, па си заминал

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Струга домаќин на 13. државно и меѓународно првенство „Триатлон 3Дисциплини 2024“