Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска ќе има свое обраќање за спроведувањето на економските реформи во Република Македонија во процесот на приближување до Европската унија на економскиот форум на Самитот ЕУ – Западен Балкан Софија 2018, на тема „Помеѓу политиката и економијата“, со што и официјално започнува економскиот сегмент на Самитот.
Арсовска, како што информира ССК, заедно со бугарскиот министер за економија Емил Караниколов, претседателот на Винескиот економски форум Гунтер Рабенштајнер, претседателот на Сојузот на економисти на Србија Александар Влаховиќ, основачот и претседател на Дефли економски форум Симеон Цомокс и директорот на Агенцијата за странски инвестиции на БиХ Гордан Милинич ќе дискутираат за важноста на економскиот развој и иднината на Западен Балкан.
– Денешниот ден го означува официјалниот почеток на форумот како економски сегмент на Самитот на премиерите на Западен Балкан. Очекуваме да се отворат значајни прашања за реформските процеси на економиите од Западен Балкан и нивно приближување кон ЕУ. Големо внимание ќе привлечат заклучоците од економскиот форум каде и шефовите на држави на земјите на Западен Балкан ќе дискутираат за регионалната економска соработка како дел од европската интеграција, реалност и очекувања како и за улогата на инвестициите за раст и стабилност, изјави Арсовска пред почетокот на форумот.
Арсовска, ја предводи бизнис делегацијата на Република Македонија и е специјален гостин на економскиот форум под покровителство на бугарското претседателство на Советот на Европската унија.
Самитот е еден од клучните настани за време на Бугарското претседателство со Советот на Европската унија, кој ги поврзува сите 28 шефови на држави или влади на ЕУ со премиерите на Западен Балкан. На овој настан, премиерите на Западен Балкан имаа можност да разговараат за конкретни економски проекти со високи претставници на австриските, европските и меѓународните членови на Виенскиот економски форум, како и за нивно забрзано имплементирање.
Целта на Виенскиот економски форум е да изгради мост помеѓу бугарското претседателство на Советот на ЕУ и следното австриско претседателство со Европскиот совет. На Форумот, на кој присуствува и делегација на ССК, ќе се разговара за интензивирање на регионалната економска соработка и заедно со поддршка на политиката да се изнајдат решенија за деловна соработка во различни сектори на регионалната економија.