Во населбата Влае во Општина Карпош денеска почна изградба на нов плоштад на површина од 6.500 метри квадратни. За реализација на проектот, локалната самоуправа ќе одвои 31.575.714 денари.Камен темелникот за изградба на плоштадот го постави градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, истакнувајќи дека урбаниот проект ќе им овозможи релаксација и социјализација на граѓаните од населба Влае и околината.
Плоштадот се гради за граѓаните од населбите Влае 1 и Влае 2, и доколку градежните работи се одвиваат непречено, се очекува да биде пуштен во употреба кон средината на март годинава. Во наредниот период тука е предвидена изградба и на верски објект, црква, како и поплочување на платото во комплексот Порта Влае, најави Јакимовски.
Од планираните финансии за проектот, за градежниот дел се предвидени 11.799.999, изградбата на фонтаната ќе чини 8.302.823 денари, а за хортикултурното уредување ќе се искористат 4.098.730 денари. За урбана опрема Општината ќе одвои 4.360.548 денари а за осветлување 3.013.614 денари.
Архитектонското решение предвидува две партерни кружници, сплотени една во друга, поплочени со гранитни плочки како и изведба на кружна фонтана за поубав, урбан амбиент.Зелените површини ќе бидат хортикултурно уредени, со ниско и високо зеленило на површина од 3.192 метри квадратни, збогатени со 10.000 цветни садници. Одржувањето на зеленилото ќе биде со систем „капка по капка“ и автоматско полевање. Просторот се предвидува да биде осветлен со 50 нови канделабри со современ дизајн и содржини од урбана опрема.