Ботанички градини во две детски градинки во Прилеп, засадување садници, цвеќе, донација за нова дограма, се новините за подобрување на условите во детските градинки во Прилеп.
Според директорот на прилепските градинки „Наша иднина“ Орце Тодоровски условите перманентно ќе се подобруваат се додека се чека на проширувањето на капацитетите.
– Полека ги надминуваме проблемите во детските градинки во Прилеп и ги подобруваме условите за згрижување на децата. Започнавме нов проект за засадување садници и цвеќиња за да создадеме ботаничка градина. Една се создава во детската градинка „Бончејца“ во центарот на Прилеп, друга во градинката „Гоце Делчев“ каде денеска се засадуваат 30 садници-цвеќиња. Цвеќиња се засадуваат и во уште две други прилепски градинки, така вкупно ќе се насадат 200 садници, а имаме доназија на ели, смреки и борчиња, вели Тодоровски.
Со донација од родител во вредност од 2.000 евра се променува дограмата во градинката „Бончејца“.
– Заменета е половината стара дограма, вградени се нови прозорци во градинката „Бончејца“. Ќе имаме и нови донации кои корисно ќе ги искористиме, изјави Тодоровски.
Во меѓувреме, прилепската локална самоуправа подготвува документација со која наесен ќе аплицира во Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова детска градинка во прилепската населба „Точила“. Во моментов 400 деца чекаат на листата да бидат згрижени. Во Прилеп и во населените места се вкупно 11 градинки кои згрижуваат околу 1 200 деца.
Тодоровски ги негира пишувањата дека со партиски списоци се примаат деца во градинките.
– Нема партиско згрижување на децата во градинките. Наш приоритет остануваат децата, а се друго е груба шпекулација и невистина, изјави Тодоровски.