Здружението на бизнис жени денеска во Велес го промовираше проектот „WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност, финансиран од ЕУ преку ИПА програмата, а кој во неколку фази во земјава ќе се спроведува 16 месеци.
Како што појасни за МИА Валентина Дисоска претседателка на Здружението на бизнис жени, проектот ќе се реализира во неколкуте фази со постоечките и нови општествени партнерства, заедно со сите релевантни и засегнати чинители.
– Ќе работиме на можностите на младите жени и девојки во ИКТ и СТЕМ секторот, како и во зелената економија и социјалното претприемништво за вработување и самовработување. Воедно проектот подразбира и поддршка на жените претприемачки за вмрежување, извоз и кластеринг, како и поврзување со институциите и граѓанските организации во избраните општини во осумте плански региони каде што ќе се реализира проектот: Велес, Битола, Струга, Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Скопје, појасни Дисоска.
Воедно информира дека во сите осум плански региони ќе се одржат и обуки и со минимум 500 средношколци. Понатаму преку проектните интервенции и поддршки ќе се овозможи обука за нови технологии, стартап, извоз и кластеринг на 150 потенцијални старт-ап жени и девојки, а преку повратни информации и менторства понатаму ќе произлезат 15 нови бизниси на жени.
– Проектот треба да придонесе кон зголемување на конкурентноста во економијата во земјата, преку поддршка на различен екосистем за претприемништво, вклучувајќи ги жените и граѓанското општество. Воедно и за поттикнување и поддршка на актуелните и потенцијалните жени претприемачи за зголемена употреба на технологија, иновации, вмрежување и извоз како и градење на националната асоцијација на женско претприемништво, појасни Дисоска.