Во Неготино денеска беше одбележан светскиот Ден на Црвениот крст. Пред присутните прво се обрати Тоше Настов, секретар на неготинската Општинска организација. Тој информираше дека Црвен крст Неготино како дел на Црвениот крст на Република Македонија функционира и делува на територијата на општините Неготино и Демир Капија со 200 члена и 200 волонтери.
Во рамки на општинската организација постојат и дејствуваат два клуба и тоа Клубот на млади со околу 80 волонтери и Клубот на пензионери со околу 40 членови. И двата клуба работат и дејствуваат согласно програмските определби и принципите на Црвениот крст.
Петар Стефанов, координатор на Клубот на пензионери-хуманисти “Анри Динан”, кој осум години делува при неготинскиот Црвен крст, меѓу другото информираше дека една од основните цели на клубот е користење на богатото животно и работно искуство на пензионерите за остварување на хуманата мисија на оваа организација. Делуваат во повеќе области. Социјално-хуманитарна, здравствено-превентивна, култура, спорт и рекреација и информирање. Тој истакна и неколку позначајни активности. Меѓу нив, посета на стари, изнемоштени и хронично болни лица, собирање и донирање на алишта, обувки и постелнина, учество на традиционални манифестации, предавања.
Пред присутните се обрати и Славе Лазовски, исто така член во Клубот на пензионери-хуманисти.
Лидерот на Клубот на млади при Општинската организација, Тијана Атанасовска рече дека младите и нивните цели секојдневно се менуваат, но дека Црвениот крст ги следи за да ги поддржува и насочи кон вистинскиот пат.
-И нашите млади продолжуваат да го менуваат градот со малите проекти. Годинава се надополнивме со тројца новообучени предавачи за превенција од зависности. Досега одржаа повеќе од 15 работилници на кои учествуваа повеќе од 350 млади ученици. Сјајот на ПХВ проектите само се зголемува. Почнувајќи од реновирање на куќи и помош за усна протеза, па завршувајќи со дружба со деца со Даунов синдром, нашите проекти се наградени со петка со сонце, нагласи меѓу другото Атанасовска, споменувајќи ги и заедничките проекти со Клубот на пензионери при оваа организација.
За музичките точки, беа задолжени претставници од музичкото училиште “Владо Арсов-Шпанац” од Неготино. Со лични творби се претставија ученици од Основното училиште “Гоце Делчев”.
Во текот на денешниот ден, исто така беше спроведена и акција за мерење на крвниот притисок и шеќер во крвта.