Градинарите од струмичкиот регион се задоволни од откупните цени на доматите и краставиците. Според претставници на земјоделците има голема побарувачка за раноградинарските производи на почетотокот на производствената сезона.
– Краставиците се откупуваат до 40 денари за килограм, пролетната зелка од 15 до 18 денари, доматите од 65 до 70 денари, а пиперките до 70 денари за килограм. Во споредба со истиот период лани цените се многу повисоки и сметам дека овој производствен турнус ќе биде меѓу подобрите, информира Ванчо Митев од Земјоделското Здружение „Еко Градинар“ од село Добрејци.
Засега извозниците најголем интерес покажуваат за краставицата од Струмичко. За неа најголемо побарување има од соседна Бугарија, каде и најмногу се извезува.
Според претставниците на земјоделските здруженија во наредните денови се очекува и исплата на субвенциите за тутунот од ланската реколта. Тоа, според нив, е во вистинско време, кога овие средства им се потребни за инвестирање во прозводството.