Со положување цвеќе на спомен -бистата на загинатите бранители од Крива Паланка Момир Стојановски, Горан Стојановски и Јане Јакимовски пред Полициската станица од општа надлежност – Крива Паланка започна одбележувањето на Денот на полицијата 7 мај.
– Полициската работа е исклучително сложена, често носејќи опасни моменти по животот. Да се биде службеник на Македонската полиција да се носи сината униформа е чест и гордост. Соработката на полициската станица со сите локални институции, со општината и останати државни институции е на високо ниво и се надевам ќе продолжи во иста насока за сите заеднички да придонесеме за побезбедна Крива Паланка, изјави командирот на ПС од ОН, Крива Паланка, Дејан Маринковски.
На спомен-бистата цвеќе положија делегации од општина Крива Паланка, од МВР, пратеници, претставници на Здружението на загинати бранители на Македонија 2001-2015, ОРОРМ, членови на семејствата на загинатите бранители и други.
Одбележувањето продолжи во спортската сала „Петар Поп Арсов“ каде се одржа 16-тиот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители.
На турнирот учествуваа 10 екипи, припадници на повеќе единици и оддели во МВР и останати почитувачи на ликот и делото на бранителите.
– Турнирот е спомен и оддавање почит на Момир, Јане и Горан, на нашите чеда кои ги дадоа несебично своите млади животи за татковината, но и на сите македонски синови кои во 2001 бранејќи ги суверенитетот и имтегритетот на државата, ги положија животите за подобро утро на сите граѓани на Македонија, рече Владе Стојановски, претседател на Здружение на загинати бранители на Македонија 2001-2015.
Локални меморијални турнири во чест на бранителите се одржуваат во градовите ширум земјава, а победничките екипи одигруваат средби на централен Меморијален турнир под покровителство на министерот за внатрешни работи.