Со предупредувачка блокада на булеварот „Илинденска“’ во близина на крстосницата со регионалниот пат за Брвеница дел од жителите на Тетово од овој крај на градот го изразија својот протест поради најавеното отворање на ново казино во оваа населба. Тие носеа транспаренти Библиотека – не казино, Тетово има потреба од јавен превоз а не казино, Стоп за упропастувањето на младите и слично.
Според членот на иницијативниот одбор на оваа граѓанска активност Јуши Емурлаи, тие како жители на околните куќи и згради категорично се против отворање на казино тука за што ги известиле министерствата за економија и финасии, како и УЈП, МВР и општина Тетово.
– И покрај ветувањата од пред 18 месеци од сите наведени институции дека нема да дозволат отворање на ова казино тоа остана на празни зборови. Фактичката состојба покажува дека на терен работите продолжуваат. Ние имаме доставено и петиција за спречување на отворањето на казиното во урбана средина и бараме од сите институции да ја спречат оваа девијанта појава во нашето општество, бидејќи казината се како рак на нашиот град и продолжуваат да се појавуваат секојдневно во нашето општество, рече Емурлаи.
Тој најави дека доколку не се забрани отворањето на казиното протестите ќе продолжат и оти тие како организатори ќе се обидат да ја разбудат и пошироката општествена заедница за и постоечките казина да бидат оддалечени најмалку три километри од населените места.
На протестот учествуваше и професорот по психологија од ДУТ Љуљзим Муртезани, според кого, отворањето на казино на посоченото место во непосредна близина на двата универзитети, како и две средни училишта во Тетово земјоделското и медицинското ќе има многу штетно влијание врз учениците, студентите и младите.
– На овој начин ќе им се овозможи на оние млади што на некој начин сакаата да избегаат од реалноста тоа лесно да го направат во казиното и особено што тие немаат искуство. Затоа и како граѓанин, но и како професор сум против отворањето на кзината и тука, но и насекаде низ Тетово, рече Муртезани.
Меѓу учесниците на протестот беше и градоначалничката на општината Теута Арифи која потврди дека имале средба со претставници од овие граѓани, како и оти ја примиле петицијата што била доставена до нив. Таа искажа и незадоволство од тоа што општините согласно постоечкиот закон за приредување игри на среќа немаат никакви ингеренции во оваа насока.
– Објектот има дозвола за градба, но нема дозвола за дејноста што се планира тука. Нашиот општински инспекторат нема никакви ингеренции да го спречи отворањето иако и општинскиот Совет донесе одлука, наместо како што стои во законот казината да бидат најмалку 100 метри од училиштата, ние сакаме најмалку 300 метри тие да бидат одадлечени од универзитетите, училиштатата, градинките, верските објекти, како и центарот на градот. Ние ќе останеме заедно со граѓаните да се спречи отворањето на вакви институции што имаат негативно влијание врз духовното здравје, рече Арифи.