Организациониот одбор на Рациновите средби ги објави двата конкурса за годинашните Рацинови средби за „Рациново признание“ за 2018 и „Антологија на болката“ за 2018.
Наградата „Рациново признание“ се доделува за прозни, литературни остварувања, на автори од Македонија, објавени во периодот меѓу две манифестации „Рацинови средби“.
Право на учество на конкурсот имаат сите издавачи и автори кои во периодот од јуни 2017 до април 2018 година објавиле прозни дела на македонски автори.
Делата во три примероци се доставуваат на адреса: Општина Велес, со назнака за Културна манифестација „Рацинови средби“, ул. Панко Брашнар бр.1, 1400 Велес во периодот до 20-ти мај 2018 година.
Организацискиот одбор на културната манифестација „Рацинови средби“, објави конкурс за доделување на наградата „Антологија на болката“ 2018.
Наградата „Антологија на болката“ е награда на културната манифестација „Рацинови средби“ за најдобра електронска картичка со љубовни стихови објавена на социјалната мрежа Фејсбук.
Целта на наградата е афирмација на лириката на Рацин и неговата практика најубавите лирични стихови да ги создава и испраќа на поштенски картички.
На конкурсот за наградата можат да учествуваат сите граѓани корисници на социјалната мрежа Фејсбук.
Електронските картички со лирична поезија покрај објавата на социјалната мрежа Фејсбук, треба да се достават по пат на електронска пошта на адресата [email protected], најдоцна до 20 мај 2018 година, до 15.30 часот. За наградата на конкурсот ќе одлучува стручна жири-комисија.