Актуелната политичка состојба во регионот, случувањата во Прешево, бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, како и претстојните локални избори, беа клучни теми на денешната средба на претседателот на Националната демократска преродба Руфи Османи со шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Ралф Брет.
Како што соопшти НДП, Османи го запознал шефот на мисијата на ОБСЕ дека партијата ги врши последните подготовки за изборната трка и дека на избори ќе настапи сама, а соработката во вториот круг ќе зависи од спецификите на општините и политичката понуда на другите партии.
– Тој го потсети амбасадорот дека на последните парламентарни избори, оваа партија послужи како позитивен пример за чесна кампања што го оценија и надлежните институции, а побара ОБСЕ/ОДИХР засилено и поквалитетно да ги набљудува изборниот процес од повеќе аспекти, стои во соопштението.
Во врска со бојкотот на Парламентот, Османи истакна дека со започнувањето на дијалогот за изнаоѓање компромисмеѓу поголемите партии во земјава, како што се наведува, веќе се формираат предуслови за враќање на НДП во Собранието, каде ќе предложи формирање парламентарна комисија за утврдување на случувањата од 24 декември.
– Амбасадорот Брет, од негова страна, повтори дека ОБСЕ е заинтересиран изборниот процес да тече согласно стандардите и препораките на ОДИХР и дека крајно време е Македонија да го надмине предизвикот на организирање слободни и фер избори, стои во соопштението од НДП.