ЦД РОМ-от и радио-уредите се апарати кои најверојатно ќе изумрат оваа година, одлучено е на гласањето „Gadget Graveyard“ спроведено на Саемот за потрошувачка електроника (ЦЕС) во Лас Вегас на почетокот на овој месец.
Фотоапаратите и десктоп компјутерите го избегнаа сличното „пророштво“ и покрај се поголемата популарност на смартфоните и таблет апаратите.
Повеќе од 1.700 луѓе-членови на Институтот за електроинженери, инженери, студенти по машинство и учесници на ЦЕС гласале во анкетата за тоа кои апарати најверојатно ќе изумрат оваа година.
Триесет години старата технологија на ЦД РОМ-от добила 75 отсто од гласовите, што не е изненадување имајќи предвид дека одамна му се заканува исчезнување, благодарејќи на популарноста на попрактичните УСБ стикови.
Меѓутоа, гласачите биле поделени кога станува збор за судбината на останатите апарати. Радио-уредите се на второ место со 58 отсто гласови „за“, МП3 плеерите добиле 55 проценти, ДВД-то 53 отсто, а рисиверите за кабелска телевизија 51 процент.
Сепак, смартфоните не ги освоиле целосно човечките срца и умови како мобилни „се во едно“, кои прават фотографии и укажуваат на правецот. Гласачите биле оптимисти кога станува збор за фотоапаратите и ГПС системите. Тие добиле 75 отсто, односно 58 проценти „против“ од гласовите на прашањето дали овие уреди треба да завршат на „електронски отпад“.
Учесниците во анкетата ги спасија и десктоп компјутерите од „погребување“, бидејќи 62 отсто гласале позитивно за нивната судбина, иако таблетите и лаптоповите заземаат се поголемо влијание на пазарот.