Предвидените 62 литра за хектар зелена нафта што ни ги вети Владата, не се доволни за поледелството, изјави денеска Мемет Синани од Националната федерација на фармери (НФФ).
Според него, потребни се минимум 120 литра.
– Со законот кој се уште е во собраниска процедура, планирано е подготвување 60.000 картички за зелена нафта, а во земјава има над 100.000 земјоделци, рече Синани пред почетокот на Годишното собрание на НФФ.
Претседателот на Федерацијата, пак, Васка Мојсовска оцени дека секоја помош за производителите е добредојдена.
И таа и Синани се согласни дека се уште најголем проблем во земјоделството се откупните цени и пласманот, но незавидна е ситуацијата и поради се поизразените влијанија на климатските промени.
– Производната е многу повисока од проданата цена. За решавање на овој проблем со кој се уште кубурат земјоделците, неопходно е изнаоѓање нови пазари, договорно производство, дијалог со откупувачите и здружување во задруги, нагласи Мојсовска.
Земјоделците се уште имаат недоверба во задругите, дополни, но тоа е поради нивната недоволна информираност.
– Само здружени, ќе можеме да успееме, да обезбедиме сигурен пласман за нашите производи и да добиеме достоинствена цена, рече претседателката на НФФ.
Синани информира дека Федерацијата побарала интервентен откуп на пченицата и гарантирани 12 денари откупна цена зашто производните трошоци за килограм се најмалку 11 денари.
– Анализите на Министерството за земјоделство велат дека производните трошоци за пченицата се 8,68 денари, но на помалите парцели како нашите трошоците се најмалку 11 денари, посочи Синани.
Според него, нема ниту една земјоделска култура што нема проблем со цените и пласманот.
Производителот Стеванче Јордановски, делегат на Собранието на НФФ, нагласи дека без субвенции македонското земјоделство не би можело да опстане. Државата, додаде Јордановски, освен на поддршка треба да се фокусира и на заштита од климатските промени посебно во делот на автохтоните семиња.
На Првото годишно собрание на Националната федерација на фармери учествуваат делегати од сите региони на Македонија. Како што најави Мојсовска, ќе се разговара за горливите прашања и за стратегиско делување.
Мисијата на НФФ е „организиран фармер – лидер во земјоделскиот и руралниот развој на РМ“, додека визијата гласи „профитабилно земјоделство – стабилно село“.