Државната севернокорејска агенција КЦНА објави дека вчерашниот самит меѓу лидерот Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин е „нова пресвртна точка“, која ќе придонесе за заеднички просперитет на Корејскиот Полуостров.
КЦНА одвоено го објави заедничкото соопштение на Ким и Мун по самитот меѓу Северна и Јужна Кореја, што се одржа по повеќе од една деценија.
На историскиот самит на лидерите на Северна и Јужна Кореја во пограничното село Панмунџом потпишана е декларација за вложување заеднички напори за „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, како и официјално потпишување на официјален крај на Корејската војна (1950-1953).
На средбата беше договорено и јужнокорејскиот претседател на есен да го посети Пјонгјанг.