Јужнокорејските медиуми средбата на лидерите на Јужна и Северна Кореја, Мун Џае-ин и Ким Џонг-ун ја поздравија со одредена претпазливост. Тие потенцираат дека немало одлучен и недвосмислен ангажман за откажување на Пјонгјанг од нуклеарната програма.
Конзервативниот дневен весник „Чосун“ оцени дека средбата Мун – Ким е позитивна за подобрување на билатералните односи, но оти има недоречености за главниот проблем -денуклеаризацијата.
– Тоа е чекор назад во однос на тоа што беше одлучено во 2005 година со Договорот, во кој Северна Кореја вети дека ќе се откаже од нуклеарното оружје и постоечките нуклеарни програми и оти ќе дозволи инспекции. Покрај тоа, ако договорот за денуклеаризација на Северот биде тема на следниот самит меѓу САД и Северна Кореја, ќе треба врема да се уништат базите и нуклеарното оружје, како и нуклеарниот материјал, наведува „Чосун“.
Весникот истакнува дека постојаните санкции и притисок се нужни како гаранција дека Пјонгјанг нема да се повлече, како што прави последните 25 години.
Јужнокорејскиот дневен весник „Јонганг“ посочува дека ситуацијата е „сосема поинаква“ отколку пред неколку месеци кога Ким и американскиот претседател Доналд Трамп си разменуваа навреди и закани.
– Но јасно се покажа дека претстои долг пат пред денуклеаризацијата. Никогаш јавно не е кажано кој е концептот за денуклеаризација на Ким, ниту како ќе се спроведе истата, наведува „Јонганг“.
„Кореа Хералд“ е попозитивен за Декларацијата од Панмунџом потпишана од Мун и Ким.
– Историската меѓукорејска средба е појдовна точка кон самитот Вашингтон – Пјонгјанг, што треба да се одржи на крајот на мај или почетокот на јуни и во таа смисла успешно ја одигра својата улога, истакнува „Кореа Хералд“.