„Форумот за демократска Македонија, заедница на иселеници од Македонија, на годишнината од насилствата во Парламентот на Република Македонија, 27 април 2017, сака да потсети на суштинската улога на свиркачите во откривањето на корупцијата и злоупотребите на функциите од позиција на моќ.
Неодамна, Советот на Европа ги повика земјите членки да усвојат соодветни законски решенија за заштита на свиркачите. Македонија, како земја членка, е обврзана да го стори тоа.
Европската Унија, чие членство е стратешка цел на Република Македонија, исто така се движи во оваа насока. Неодамна Европската Комисија укажа на значењето на свиркачите и предложи Директива за нивна заштита.
Секоја земја која се стреми кон владеењето на правото треба да ги усвои и применува законите за заштита на свиркачите. Тие се суштествени за функционална демократија.
За жал, свиркачите во Македонија кои обезбедија докази за масовното незаконско прислушување – Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски – остануваат на маргините на општествените текови.
Затоа, ФДМ на годишнината на насилниот упад во Собранието на Република Македонија, на 27 Април 2017 година потсетува на важноста и одговорноста на државата да ги поддржи и спроведе препораките од Европската Комисија.
Секоја одговорна Влада треба посветено да работи на донесување и усвојување на соодветно законодавство со што ќе се засилат демократските процеси“ се вели во соопштението на Форумот за демократска Македонија.