Најновиот филм со Џемс Бонд „Скајфол“ што од денеска се прикажува низ кино салите во Кина е „тешко цензуриран“ од домашната цензура за да биде прифатлив за гледање во оваа земја.
Продуцентите на филмот кој секаде бележи рекорди во гледаноста, потврдија за британските медиуми дека филмот е „искасапен“ на неколку места, а интервенции се правени и во преводот на кинески јазик, каде се избришани цели дијалози на главните ликови, за кои властите сметаат дека не се податливи за тамошните гледачи.
Една сцена од филмот е комплетно исфрлена и ја нема во кинеската верзија што ја има направено тамошната цензура. Станува збор за сцената во која еден француски платен убиец убива кинески вратар, во лобито на зграда во Шангај, каде убиецот треба да изврши атентат.
Во сцената на Бонд со една проститутка во Макао, во која тој ја прашува за нејзината тетоважа на телото, нема текст. На цензорите им пречело што Бонд (Даниел Крејг) прашува дали тетоважата потекнува од времето кога таа, како малечка била приморана да се бави со проституција. Целата сцена тече како и во оригиналот, но во титлуваниот дел на кинески јзик го нема дијалогот, а ја нема и сугестијата на Бонд дека таа работи за кинеската мафија.
Грубо се исечени и сите забелешки на Хавиер Бардем, кој во филмот го толкува главниот негативен лик Раул Силва, околку тортурата што се спроведува во Кина. Ова не е прв случај кинеските власти со цензурирањето да направат филмска верзија за која тие сметаат дека е она што треба да им се прикаже на тамошните гледачи. Тешко беше цензуриран и филмот „Невозможна мисија 3“ со Том Круз, каде беа исечени сите сцени снимени во Кина, но беше цензуриран и филмот „Пиратите од Карибите“.