Со зелен теписон на градскиот плоштад како и дрва и палми напарвени од отпадоци собрани од тетовските улици активистите од неколку невладини организации од Тетово со симболичен пикник на градскиот плоштад од локалната самоуправа побараа да го зголеми зеленилото во градот.
– Нашата акција е да се покрие сиво со зелено зошто многу малку имаме зеленило особено во централното подрачје на Тетово. Со овој наш перформанс праќаме порака до надлежните дека треба да има повеќе зеленило низ градот, рече Гзим Нухиу.
Тој посочи дека кога побарале дозвола од градските власти за организација на настанот ги повикале и претставниците на општината да дојдат но не добиле потврден одговор и оти никој од локалната власт не ја посетил активноста.
Лус Отон е 25-годишна девојка од Франција која во Тетово е на студиски престој. -Мило ми е што можам да дадам придонес во вакви настани во кои младите посочуваат проблем како што е недостиг на зеленило. Нема места каде луѓето може да поминат квалитетно време. Во градот каде што живеам во Франција имаме повеќе поголеми паркови и тие се отворени за сите, а за нив се грижи општината, изјави Лус.
Според Законот за урбано зеленило донесен во јануари годинава како стандард е поставено да постои 25 метри квадратни по жител зелена површина во сите идни генерални урбанистички планови како и најмалку 20 отсто зелена површина на секоја градежна парцела зависно од намената и локацијата.