Од 800 земјоделци, 714 не добиваат навреме информации за можностите што ги нуди Националната програма за рурален развој, а над 90 отсто никогаш не презеле граѓанска иницијатива или барање за промена на состојбите во земјоделството зашто немаат доверба во институциите, покажува најновото истражување на Рурална коалиција.
Како што беше речено на денешната тркалезна маса во Прилеп, земјоделците сметаат дека нивните ставови и предлози не се земаат предвид и дека надлежните не ги вклучуваат во консултативни процеси при креирањето и носењето политики и јавни одлуки.
Рурална коалиција ја истакна потребата од креирање програма за рурален развој по терк на земјоделците, а за поддршка на ваквата иницијатива најави промотивна кампања во наредните два месеца, мај и јуни
– Програмата креирана по мерка на земјоделецот ќе биде и првата граѓанска иницијатива од ваков вид и обем, а ќе се промовира меѓу земјоделците во руралните средини за да ја добие нивната поддршка и потпис, но и за да му покаже на ресорното Министерство дека ја поддржува критична маса земјоделци, истакна извршната директорка на Коалицијата Лилјана Јоноски.
Според учесниците на тркалезната маса, за да се сменат состојбите во земјоделството, клучно е подигнување на нивото на соработка меѓу институциите на локално ниво и земјоделците, честа теренска посета и размена на информации, креирање партнерства и соработка со бизнис секторот, активирање на делувањето на локалните земјоделски здруженија со поддршка од општината, обезбедување резервен фонд што ќе го поддржува аплицирањето за Националната програма за рурален развој и за ИПАРД фондовите.
Тркалезните маси, иницијативата и промотивната кампања за изготвување програма за рурален развој по терк на земјоделецот се дел од проектот „Јакнење на капацитетите на здруженијата за учество во процесот на донесување на јавни документи и политики во земјоделството и руралниот развој“, што Рурална коалиција Куманово го спроведува со финансиска поддршка на Цивика Мобилитас во рамки на Програмата за развој на граѓанското општество.