Триесет и шестгодишен маж денеска во центарот на Прага, на Вацлавскиот плоштад, се обиде да се самозапали во близина на местото каде пред 44 години се самозапали студентот Јан Палах.
Како што јави дописникот на МИА од чешката метропола, локалната полиција реагирала веднаш откако бил забележан маж кој се полил со непозната течност и се запалил.
Била повикана брза помош која констатирала дека човекот се здобил со лесни изгореници и бил префрлен во болница.
Полицијата ги испитува причините поради кои човекот се одлучил на чинот.
Според некои информации, Чехот не сакал да се самоубие туку сакал само да потсети на чинот на студентот Јан Палах, кој на 16 јануари 1969 година се самозапали пред Националниот музеј, а три дена подоцна почина.
Со чинот, кој бил еден вид на протест поради советската окупација на поранешна Чехословачка, Палах, кој подоцна стана симбол на чехословачкиот отпор сакал да иницира прекин на сеопштата летаргија која владеела во земјата.