Од „О2 Коалиција“ која се бори за поист воздух во главниот град денеска во соопштение нагласуваат дека и по еден месец од нивната јавна реакиција, со која како граѓани го повикале Претседателот на Уставниот суд да преземе одговорност, да ја утврди причината за одолговлекување и да побара одлучување по поднесените граѓански иницијативи во врска со ДУП З 06, З 04, З 05 и СЗ 19 во општина Карпош, Уставниот суд сѐ уште ги игнорира изразените основани сомнежи и продолжува да не го штити уставното начело на владеење на правото.
„Овие претставки се израз на повеќегодишни заложби на жителите во оваа скопска општина, да стават крај на непланираното уредување и дехуманизација на просторот, уништување и деградирање на животната средина и на природата, сите нарушени и загрозени Уставни темелни врдности и права“, се наведува во соопштението.
Како што истакнуваат од „О2 Коалиција“ во писмото од 30 март, од Претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, побарале да ги утврди причините за непостапување по предметите примени од Уставниот суд на 6-ти септември и 18-ти октомври минатата година и да побара брзо одлучување по нив.
„Поразително за нас како граѓани на оваа држава и жители на урбанистички загрозената општина, е што Уставниот суд, кој треба да го штити начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сѐ уште не носи решение за поведување на постапка по предметите за ДУП З 04, З 05 и СЗ 19. Истовремено, предметот за ДУП З 06 не е вратен за одлучување по неговото тргање од дневен ред од седницата на 31 јануари годинава. Следната седница на Уставен суд е закажана за 18 април и ниту еден од предметите не е на дневен ред“, велат од „О2 Коалиција“.
Оттаму додаваат дека исклучително симптоматично е што додека одлучувањето по овие спорни четири предмети се одложува, судот одлучува по предмети кои се примени подоцна.
„Свесното непостапување по предметите е срам за судиите, за Уставниот суд, за оваа држава. Бараме од Уставните судии кои ги имаат овие предмети да престанат со манипулација на своите надлежности, да не работат според нечии други, бизнис интереси и да постапат стриктно онака како налага правдата и Уставот. Повикуваме и апелираме за најитно решавање на овие предмети. Јавно ќе ги повикуваме судиите сѐ додека Уставниот суд не донесе конечни одлуки по четирите предмети“, стои во соопштението.