Според новиот извештај на „Гартнер“, 61,7 милиони персонални компјутери биле испорачани на светскиот пазар во првиот квартал од годината. Оваа категорија ги вклучува десктоп-компјутерите, лаптопи и Виндоус-базирани модели во стилот на „Мајкрософт Срфејс“. За 14-ти квартал по ред, продажбите опаѓаат, откако за периодот јануари-март 2018 година падот е 1,4 отсто во однос на првото тромесечје 2017 година.
Продажбата во азиско-пацифичкиот регион и САД опадна за 3,9 и 2,9 отсто, соодветно, додека другите региони забележаа благ пораст, но ова не беше доволно за да се компензира негативната динамика како целина. Главен фактор е пазарот во Кина, каде што има пад од 5,7 отсто.
Глобалниот пазар на персонални компјутери го предводат ХП, Леново и Дел, кои заедно сочинуваат 57 отсто од продажбите, во споредба со 54,5 отсто пред една година. Дел е најбрзо растечка компанија, со раст од 6,5 отсто, а нејзиниот пазарен удел се зголеми од 14,8 на 16 отсто за една година.
Лидерот ХП продал 12,86 милиони персонални компјутери, со што го подобри својот резултат за 2,8 отсто. Уделот на американската компанија се зголеми од 20 на 20,8 отсто. Во регионот на EMEA (Европа, Блискиот Исток и Африка), ХП постигна двоцифрен раст во сегментите за десктоп и лаптоп компјутери, додека во другите региони забележува мал пад.
Бизнисот на Леново останува речиси непроменет. Кинескиот производител продаде 12,35 милиони компјутери за трите месеци, во споредба со 12,31 милиони претходната година, што претставува раст од 0,3%. Уделот на Леново се зголеми од 19,7 на 20 отсто. Компанијата забележа двоцифрен раст во Латинска Америка, раст од 6 отсто во ЕМЕА и пад од 4 во Азија, што го лиши од значителен прогрес како целина.
Бизнисот на Дел расте со над 10 отсто речиси насекаде, со исклучок на Азија-Пацифик регионот. Производителот од Тексас доставил 9,88 милиони персонални компјутери во тромесечјето, во однос на 9,3 милиони година порано. Успехот на компанијата е условен најмногу од нејзините силни позиции во бизнис сегментот.
Во топ 5 на водечките производители во светот спаѓаат уште Епл и Асус со продажба од 4,2, односно 3,9 милиони единици и пазарни удели од 6,9 и 6,3 отсто, покажуваат податоците на „Гартнер“ за периодот јануари-март 2018 година.