Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Зоран Заев да се повлече од премиерската фотелја додека не е доцна. „Ова е трчи лажи Влада која му ветуваше секому сè она што сака да го чуе. Тие очекуваат меѓународната заедница да им даде уште еден мандат поради тоа што ќе ги распродадат државните интереси“, рече Груевски на седницата за интерпелација на Владата.
Според него, врвни професионалци, како Горан Мицковски, Зоран Ставревски или Виктор Мизо, Џери Наумоф и редица други искусни и искалени, одлично образовани кадри, се заменија со, како што рече, целосно несоодветен кадар, неспоредлив со тимот што претходно работеше и постигна економски препород за Македонија.
„На нивно место дојдоа Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и слични кои нема да ги споредувам бидејќи времето веќе говори. На местото на Алек Никовски е назначен Бошкоски, кој воопшто нема контакти и образование. Денес Анѓушев ги спомена економските резултати на ВМРО, дека дошле само 26 странски инвестиции, но тоа е лага, во тоа време влегоа 26 инвестции кои добија субвенции и над сто други што не добиле субвенции. Вкупната инвестција на овие 26 компании, кога ќе се реализира во целост, ќе биде 360 милиони евра или повеќе. Инвестициите во ТИРЗ-овите не се само за досега донесените, туку и за наредните најмалку 50 компании што ќе инвестираат во Македонија“, рече Груевски.
Во услови кога целата нација чека работа, додаде тој, во ситуација кога нема ниту странски ниту домашни инвеститори, тие (СДСМ) се трудат од петни жили да објаснат дека заштедиле на патни трошоци.
„Граѓаните очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестции, шанси и можности да останат да живеат тука, да се среќни, а не да се докажувате дека не трошите да патувате за да донесете странски инвестиции – каква е таа демагогија. Или, пак, новиот закон за инвестиции, со кој Анѓушев и Заев се фалат дека со тој закон ќе им дадат пари на сите инвеститори, поентата е да им дадете на што помалку. Со тој закон ќе привлечете многу помалку компании со многу помалку работни места за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски.
Тој се осврна и на преговорите за името со Грција.
„Скандал е кога во преговорите со Грција ќе се доведете во ситуација да се молите барем внатре да се нарекуваме Македонија. Скандал е ненајавено да ги качувате даноците и да им ги земате парите на граѓаните и компаниите. Скандал е Шекеринска кога дава наредба колку требало да нè осуди нас како политички противници, скандал е кога од говорницата на парламентот се врши јавен притисок“, рече Груевски.
Кристијан Ландов