Британската болница каде што лежи затруениот поранешен руски шпион Сергеј Скрипал ја критикуваше екипата на руската телевизија која успеа незабележано да влезе во зградата.
Од болницата наведоа дека се работи за “ужасна постапка“.
На снимката која ја објавија британските медиуми се гледа репортерот на руската приватна телевизија РЕН како оди низ ходниците во болницата во Солсбери и коментира дека воопшто нема обезбедување.
Полицијата соопшти дека “разговарала со двајца мажи за кои верува дека се новинари“ кои ја напуштиле болницата кога им било кажано тоа да го направат и дека никој не е уапсен.
-Било каков обид да се вознемири или заплаши некој од нашиот персонал или пациентите апсолутно е неприфатливо и нема да биде толерирано, соопштија од болницата.
Скрипал и неговата ќерка Јулија беа пронајдени без свест на клупа во Солсбери и двајцата беа во критична состојба. Јулија Скрипал вчера беше пуштена од болницата, додека состојбата на нејзиниот татко значително се подобрува.