Преку проектот „Наследството од минатото, искуството од сегашноста и ветувањето на иднината“ од програмата на „Еразмус плус“, 40-ина ученици од повеќе земји ја посетија општина Прилеп како гости на програмата во градот. „Еразмус плус“ е програма финансирана од Европската комисија преку Националната агенција за образовни програми и мобилност.
Според професорката по англиски јазик Елизабета Милошеска од прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ која е координатор на проектот учениците-гости во нашата земја ги запознаваат другите култури, традиции и обичаи.
– Учениците одат во непозната средина, во нови семејства, се навикнуваат на нивната храна, обичаи, се разбиваат предрасудите кои сме ги имале за некоја земја. Учесниците се од различни националности, има муслимани, христијани, католици, а сето тоа придонесува да се запознаваме со другите култури, да излеземе од нашите рамки. Да им покажеме ние што имаме и да научиме нешто ново од нив. Проектот е аплициран во Германијаи трае две години. Наредната средба треба да биде во Торино Италија, потоа во Истанбул и Германија, а последната средба со наставниците во Мадрид, објаснува Милошеска.
Елена Врбоска од прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ рече дека има гостика од Турција.
– Учествував во проектот и бев во Шпанија. Бев сместена во семејство и премногу сум задоволна од посетата. Се запознавме со нова култура, нешто што го нема тука, запознавме многу нови пријателства, раскажува Врбоска.
Учениците гости од Шпанија, Турција, од Германија, Италија се воодушевени од земјата, културата, традициите и од се што посетуваат на патувањето.
– Овде е навистина многу убаво. Се запознавме со многу лица преку проектот од различни националности и култури, објаснува Алексис од Шпанија.
Ова патување преку „Еразмус“, како што вели Батухан од Турција, и донело многу нови пријателства. – Доаѓам од Турција. Овде сум за прв пат и многу ми се допаѓа Македонија, додава таа.
– Навистина сум возбудена. Многу ми се допаднаа Охрид и Прилеп. Запознав нови пријателства и другари, а се стекнав и со нови искуства, ги пренесува впечатоците Јоана од Германија.
Пауло од Италија вели дека кога дошол во Македонија се релаксирал. – Многу е мирно и спокојно. Ми се допаѓа природата, додава тој.
Земји партнери кои се вклучени во проектот се: Македонија, Турција, Германија, Шпанија и Италија.