Стар модел од автомобилите Застава 750, популарниот „Фиќо”, заврши во возниот парк на Амбасадата на Индонезија во Загреб, и доби дипломатски таблици.
Поранешниот сопственик Миљенко Ханжек се пофали на Фејсбук дека неговото црвено „Фиќо“ е првото во Загреб што добило дипломатски таблици.
– Пред неколку месеци минуваа и забележаа дека „Фиќото“ се продава. Господинот амбасадор дојде со својот возач, плати и си заминаа. Мене ми е многу драго што возилото е во возна состојба и би ми било драго ако дојде во нашиот клуб, рече Ханжек за „Јутарнји лист“.
Прашан дали му е жал, тој вели дека веќе „склопува” ново за себе.
Статусот на икона, всушност, „Фиќото“ го стекна во Италија. Италијански Фиат постојано го надградува со нови технологии, оти како што знаеме, првите вакви возила немаа АБС, воздушни перничиња, седишта со грејачи, па дури ни клима (замена за тоа беа прозорците)… но „работеше како часовник“, пишува „Јутарнји лист“.