На новинарско прашање по информациите во јавноста дека телефонот што на 27 април го користел НН членот од обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски во Службата за општи и заеднички работи на Владата бил вратен со крупни механички оштетувања, Груевски рече дека таков телефон не постоел. Според него, неговото обезбедување не земало телефонски апарати, туку само картички и апелираше до медиумите да не шират шпекулации, како што тоа се правело во времето на комунизмот.
„Не знаев, но деновиве се распрашав за лицето кое е прозвано за таква работа и ми беше одговрено дека воопшто телефонски апарат не бил земан со нив и не било пракса да се зема телефонски апарат туку било пракса да земе само картичка која што ќе се стави во некој од приватните телефонски апарати на обезбедувањето кое ме придружувало мене. Имено тоа се правила од причина што моето обезбедување имало лимит на телефонските сметки до 3.000 денари. Имајќи предвид дека кога се разговара во странство цените се повисоки тие практикувале при патувања да земат картичка од СОЗР и кога се во странство да ја употребуваат затоа што многу често имаат потреба да разговараат со локалното обезбедување или со протоколот“, рече Груевски.
Па така, рече тој, ако не земале телефонски апарати нема логика да кршеле апарат. Тој ги замоли медиумите да не шпекулираат во врска со ова прашање.
„И молам по ова прашање медиумите да ги проверуваат шпекулациите пред да ги објавуваат затоа што станува збор за луѓе коишто се нападнати и на тој начин се создава мислење дека криеле докази. Позната пракса за време на удбашкиот период во комунизмот беше да се пуштат шпекулации неколку недели за некој дека нешто сторил, дека направил кривично дело и тоа да струи меѓу граѓаните неколку недели, па после кога ќе го нападнат или уапсат сите да го правдаат тоа иако такво нешто не постои. Така и во овој случај, пет дена пред да го поставите ова прашање се зборува во медиумите дека бил искршен телефонот од страна на лицето кое беше посочено, за во меѓувреме да се утврди дека таков телефон не бил земен“, рече Груевски.