Министерката за образование и наука, Рената Дескоска го објави на јавна расправа законот за основно образование што се очекува да биде донесен пред почетокот на новата учебна година.
Предлог законот за основно образование содржи измени во наставниот процес и во статусот и правата на наставниците во основните училишта, преземање обврски за непречено остварување на правото на образование на децата со посебни потреби, надворешна евалуација на училиштето, нивно рангирање според постигнувањата и финансиска помош за талентираните ученици. Со измените во овој закон се утврдува максималниот број на часови на учениците.
За учениците од прво до трето одделение се предвидува најмногу 20 часа неделно, за учениците од четврто до шесто одделение најмногу до 25 наставни часа неделно, а за учениците од седмо до деветто одделение најмногу до 30 часа неделно.
Паралелно со ова се намалува и неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници и тоа од 18 до 23 наставни часови во кој влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата.
Со новите измени се предвидува и намалување на бројот на ученици по паралелка. Наместо досегашниот минимален број од 24 ученици, како минимален праг се предвидуваат 20 ученици во една паралелка.
„Според предлогот на законот, бројот на ученици во паралелка може да се движи во распон од 20 до 30 ученици, но тенденцијата бројот да биде до 24 ученици максимум, поради пребукирани училишта во Скопје, каде што има многу ученици а нема просторни можности за помали одделенија од 30 ученици“, рече министерката Дескоска.
Со измените кои ги предвидува МОН исто така се утврдува и бројот на ученици со посебни образовни потреби да не може да биде повеќе од два во едно одделение. Како што кажа министерката оваа мерка се поставува со цел да се избегне нивно групирање и изолирање во една паралелка, како и овозможување нивна инклузија со можност за непречено одвивање на образовниот процес.
Во основните училишта ќе бидат воведени и програми за спречување дискриминација, насилство и секакви облици на девијантно однесување.
„Доколку ученикот користи говор на омраза, неговиот родител или старател ќе биде упатен на советување. Свесни сме дека кај овие ученици покрај нивната свест, треба да се менува и свеста на нивните родители“, рече Дескоска.
Заради остварување на правото на образование на сите деца, со новиот закон ќе се воведе можност за организирање и остварување на основното образование во здравствени и домашни услови за ученици кои се на домашно или болничко лекување подолго од три недели.
Министерката за образование рече дека коментарите по јавната расправа се добредојдени и дека доколку Министерството забележи дека има пропусти, измените на законот ќе бидат дополнети пред неговото донесување.
Виктор Јованов