Прогнозите покажуваат дека до 2020 година на патиштата во светот ќе се движат четвртина милијарда транспортни средства, кои ќе бидат поврзани на Интернет. Но настрана позитивниот контекст, тоа ќе биде сериозен предизвик за безбедноста.
Услуги како далечинско дијагностицирање, телематика и информациско-рекреативни системи со пристап до Интернет ќе ја зголемат удобноста и безбедноста на возачот и патниците во автомобилот, но истовремено ќе откријат нови можности за кибер криминалците.
Затоа, производителите на автомобили отсега се насочуваат кон поразвиени безбедносни технологии. Јапонската компанија „Хонда Мотор“, на пример, ги откри плановите да внесее нови технологии за заштита на автомобилите, кои се способни да разменуваат податоци преку мобилни мрежи.
Концептот на „Хонда“ предвидува употреба на криптографски технологии. Јапонскиот производител ќе ги спроведе во својот автомобилски систем „Key Management Center“ за сигурно создавање на криптографски клучеви, објави новинската агенција „Никеи“.
Новата платформа ќе обезбеди сигурна размена на податоци помеѓу критичните компоненти на паметните автомобили. Се очекува „Хонда“ да почне со распоредување на критографските технологии во автомобилите кои ќе влезат во масовно производство во 2019 година.
Експертите предвидуваат дека со зголемување на заканите во сферата на поврзаните транспортни средства, ќе се развива и индустријата на автомобилски системи, за обезбедување на кибер безбедноста. Овој пазар е во раните фази на својот развој.
Неодамна Министерството за транспорт на Велика Британија објави листа со генерални принципи, со цел да ја направат кибер безбедноста главен приоритет за производителите на автомобили. На прво место, од компаниите за автомобили се очекува да ја разгледуваат безбедноста на највисоко ниво, а сите ризици да бидат оценети и менаџирани на соодветен и пропорционален начин.
Еден од принципите во документот се наведува дека компјутерските системи треба да бидат дизајнирани така што да го направат хакирањето тешко. Складирањето и преносот на податоци мора да бидат контролирани и заштитени, додаваат од „Никеи“.