Општина Прилеп, Македонскиот Олимписки комитет (МОК) заедно со Пинг – понг Федерација на Македонија (ППФМ), а во соработка со ППК „Младост 96“ го одбележаа Светскиот ден на спортот.
По тој повод на плоштадот „Методија Андонов Ченто”, денеска се организираше пинк-понг натпревар за младите.
Според претседателот на МОК, Васил Тупурковски Прилеп континуирано е во центарот на пинг-понг натпреварувањата во Македонија.
– Ги поздравувам учесниците на овој прекрасен спортски настан денеска. Ова е заслужено бидејќи Прилеп е континуирано во центарот на пинг- понгот во Македонија. Му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски за поддршката на овие мали спортови која е многу битна за нивниот развој, а ако се развие спортот ќе се решаваат дури и здравствените проблеми на младите и децата, рече Тупурковски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласи дека пинг-понгарите од градот ја имаат поддршката од локалната самоуправа.
– На сите спортисти да им го честитам Светскиот ден на спортот и им посакам многу трофеи да освојуваат на натпреварувања во државава и надвор од неа. Како локална самоуправа и јас како градоначалник и понатаму ќе им даваме неизмерна подршка. Спортот и физичката активност се бренд во модерниот свет, затоа упатувам апел до сите млади да се дружат и да спортуваат, рече Јованоски.
Златко Рикалоски, потпретседател на Пинг-понгарската федерација на Македонија вели дека токму од Прилеп има голем број познати имиња во овој спорт.
– Пинг-понгарска Федерација на Македонија заедно со ППК „Младост 96“ по втор пат организира настан со мотото „Меѓународен ден – ден на спортот“, поточно, меѓународен ден на пинг- понгот. Прилеп важи за центар на пинг – понгот во Македонија, зашто од градот е излезени голем број познати имиња во овој спорт и со успех настапувале во своите клубови, ги претставувале градот и нашата земја. Светската пингпонгарска организација е промотор, а оваа година денешниот настан се одбележува точно во 89 земји, истакна Рикалоски.
Генералното Собрание на Обединетите Нации на 23 Август 2013 година усвои Резолуција со која 6 април се прогласува за Меѓународен ден на спортот за развој и мир. По тој повод, целото олимписко и спортско семејство, но и сите држави во светот, го посветуват односно го слават овој ден на Спортот за развој и мир и низ целиот свет се организираат вакви и слични спортски, културни и уметнички манифестации.