Откажувањето на еден од моторите на авионот на Унгарската компанија „Визер“, при слетување на „Меѓународниот аеродром Скопје“, на минатонеделниот лет од Базел, надлежните воздухопловни авторитети го класифицирале како „серизоен инцидент“, за МИА информираа од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).
Поради сериозноста на инцидентот, што се случи пред една недела, 30 минути по полноќ, што, за среќа, заврши без никакви последици, Македонското цивилно воздухопловство случајот го предаде на Комитетот за истражување на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството.
Авионот „Ербас 320“ бил стар 13 години и последниот редовен сервис му бил извршен во април минатата година. Од АЦВ појаснуваат дека откажување на работата на моторите во лет се ретка појава, детално се следат и се разработени во компаниските процедури за летање, за што компаниите се обврзани својот летачки екипаж континуирано да го праќаат на проверки со кои се симулираат вакви и слични случаи.
-Авионот се наоѓал во фаза на спуштање, на височина поголема од 1.200 метри, кога летачкиот екипаж на воздухопловот забележал појава на нестандардни параметри на моторот број еден, и со цел да не се предизвикаат посериозни проблеми по безбедноста, согласно утврдена процедура, моторот број еден веднаш бил деактивиран. Екипажот постапил согласно компаниските процедури, воочениот проблем го најавил во Контролата на летање и влегол во зона на чекање каде ги извршил подготовките за слетување и безбедно слетал на аеродромот во Скопје, 30 минути по воочување на проблемот, денеска за МИА информираат од АЦВ.
– На 30 март, во 12:15 часот по локално време, на „Меѓународниот аеродром Скопје“ на летот Базел – Скопје, во фаза на приод за слетување на аеродромот на авионот на компанијата „Визер“ му откажал еден од двата мотора, без можност за повторно покренување. Пилотот декларирал вонредна ситуација, по што службите на М-НАВ и ТАВ реагирале согласно процедурите. После две кружни надлетувања над аеродромот екипажот успешно го слетал авионот на писта и ги истоварил патниците без никави проблеми, пред неколку дена за МИА објаснија од АЦВ.
Согласно процедурите, службите на АЦВ стапиле во контакт со унгарската дирекција на „Визер“, односно со унгарската АЦВ, како и со надлежните домашни институции.
Контролата на летање, М-НАВ, пак, во таа прилика соопшти дека нејзините дежурни контролори на летање постапиле согласно прописите во случај на итност.
– Најбитно е да се нагласи дека се се заврши во најдобар ред, поради фактот дека пилотите и контролорите на летање поминуваат низ обуки кои вклучуваат справување со вакви настани, наведоа од М-НАВ.