УСАИД досега во Македонија има поддржано 157 проекти во доменот на инклузијата во образованието, демократијата и економскиот развој, за што се вложени 610 милиони долари, беше соопштено на денешната конференција „Патот на Македонија од развој до самоодржливост“, што беше одржана по повод 25-годишниот јубилеј на УСАИД во Македонија.
Дејвид Атебери, претставник на УСАИД за Македонија, наведе дека ова е значаен ден за нив, бидејќи УСАИД слави 25 години пријателство во Македонија.
На конференцијата говореа македонски лидери во претприемништвото, граѓанското општество, образованието, различноста и инклузијата, социјалното претприемништво, демократија и доброто владеење.
Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум истакна дека младите се меѓу најзначајните елементи во опшеството, не само затоа што иднината им припаѓа ним, туку и затоа што тие можат да го носат прогресот и развојот со постапките.
Жарко Димитриоски, соосновач на агенцијата „1 на 1“ истакна дека ваквите настани имаат за цел да ја зацврстат и мотивираат младината како една демографија, што треба да проба да верува во себе, да мисли позитивно и да не се плаши да сонува.
Тој наведе оти мисли дека постојат многу добри примери на луѓе кои успеале и ќе успеваат во Македонија, не само во регионални, туку и во интернационални рамки.