Првиот човек на синдикатот на корејската автомобилска компанија Хјундаи Ха Бу-јоунг предупреди дека воведувањето на електрични автомобили ќе доведе до драстично намалување на бројот на вработено во компанијата.
– Електричните автомобили се катастрофа. Тие се зло. Многу сме загрижени, изјави Ха, според кого инвестирањето во нови погони за производство на електрични автомобили значи воведување и нови технологии за производство, што значи помалку работници. Ха изјави дека неговиот синдикат е во преговори со Хјундаи за да се избегне натамошната автоматизација на производниот процес во огромниот погон на Хјундаи во Улсан, и така да се зачуваат повеќе работни места.
Според синдикатот, натамошното автоматизирање на производството може да значи губење на 70 проценти од работните места во Улсан и кастрење на голем дел од 50-те илјади синдикалци кои ги предводи Ха.
Јужнокорејската автомобилска индустрија веќе се соочи со удар откако американски Џенерал Моторс најави затворање на една од своите четири фабрики до мај, како и преиспитување на иднината на преостанатите три фабрики.
Јужна Кореја има исклучително силни синдикати во автомобилската индустрија, и работниците во овие фабрики честопати примаат значително повисоки плати од платите во другите индустриски гранки. Синдикатот се согласи да се скратат некои од привилегиите на работниците, како што е платениот еднонеделен одмор во Европа за 500 работници, но инсистираат платите да продолжат да растат, без притоа да има масовни кратења на работната сила, туку автоматизацијата да оди паралелно со процесот на пензионирање на работниците.