Со свечено собрание и доделување на признанија и благодарници на поранешни и сегашни членови на Младинскиот совет Струмица ја одбележа десетгодишнината од постоењето.
Медал за основање и развој на младински активизам, младинска политика и поддршка на општина по мерка на младите му беше доделен на премиерот и поранешен долгогодишен градоначалник на Струмица, Зоран Заев, кој од оправдани причини не присуствуваше на настанот.
Со настап на поп пејачката Александра Јанева и неколминутно ретроспективно видео беше означен почетокот на свеченото собрание, а присутните најпрвин ги поздрави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
– Со овој настан завршуваме недела, која беше директно посветена на младите во Република Македонија, при што следуваше и првата тематска седница на Владата за млади, на која што ние како владини институции ги презентиравме сите конкретни мерки и активности што ќе ги преземеме во наредниот период. Со тоа докажуваме дека младите не се само декор и имплемнетатори на владините политики, туку младите директно се вклучени во креирањето и донесувањето на одлуки што се во нивен интерес, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски во своето обраќање истакна дека како претседател на Советот на градоначалници од Југоисточниот плански регион ќе иницира формирање на Младински совети во сите општини каде младите не се организирани во ваква организација.
– Најавувам формирање на младински совети во сите општини од регионот, односно таму каде што не постојат и нивно вмрежување заради реализација на заеднички проекти и друг вид на соработка. Тоа ќе придонесе за дополнителен прогрес на нашите општини и се разбира на регионот во целост, рече во своето обраќање градоналалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Од формирањето во 2008 година, па се до 2018 во Младински совет членувале над 2.500 волонтери, а се реализирале повеќе од 150 проекти од повеќе области кои ги засегаат младите и општеството.