Георгиос Папастамос, сопственикот и управител на Друштвото за геодетски работи и услуги „Топометриа ДООЕЛ“ од Скопје, не одговори на прашањата кои му ги постави „Макфакс“ за истрагата на СЈО во случајот „Актор“. Папастамос, кој, како што објави „Макфакс“ со основачки влог од 5000 евра е основач и управител на ова друштво, нè упати да го отвориме порталот „Република“. Таму вчера беше објавен документ, во кој, Европската канцеларија против измами, ОЛАФ наводно комнстатира дека нема злоупотреби во случајот.
„Се извинувам за задоцнетиот одговор, но престојувам на подолготрајно бизнис патување и затоа Ве упатувам одговорите на вашите прашања да ги најдете на следниот линк“, напиша тој во меилот. Истата порака која упатува на текстот на „Република“ ја добивме и од фирмата „Глобал Констракшн Компани ДООЕЛ“ од Скопје. Третата фирма, „Инвикта ДООЕЛ“ од Скопје, пак, ја игнорираше пораката.
„Макфакс“ вчера објави дека почетокот на градежните активности на делницата се случи на 8 септември 2012 година кога беше поставен камен-темелникот, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески. Фирмата „Глобал констракшн компани“ ДООЕЛ, која е една од фирмите подизведувачи, според увидот што „Макфакс“ го направи во Централниот регистар, е основана на 23 декември 2012 година или неполни три месеца по почнувањето на активностите за изградба на автопатот. Сопственик на фирмата е Гркот Христос Ангеликас со адреса во Атина. Управител на фирмата е исто така Грк, Михаил Зикос, од Атина. Втората фирма подизведувач, што СЈО ја сомничи за перење пари, „Топометрија“ ДООЕЛ од Скопје, е регистрирана со адреса на улица Христо Смирненски. Основана е на 5 декември 2012 година со основачки влог од 5.000 евра. Сопственик и управител на фирмата е Гркот Георгиос Папастамос од Атина.
Според СЈО, во периодот од 2012 до 2016 година со повеќе дејства, со искористување ист траен однос, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во Македонија, што ги презема „Актор АДТ подружница Скопје“, формирана од осомниченото правно лице „Актор СА“, Република Грција, со намера да ја скрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, на грчки државајни им биле исплаќани огромни суми пари во кеш.
Шестоосомничениот како управител на подружницата на „Актор АДТ“ – Скопје договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење подизведувачки работи со другите осомничени одговорни лица како преставници на осомничените правни лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје, со единствена цел пренос на парични средства од „Актор АДТ подружница Скопје“ кон правните лица „Глобал констракшн“ ДООЕЛ Скопје, „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје и „Инвикта Боро“ ДООЕЛ Скопје. Во повеќе наврати биле исплатени износи од сметките на „Актор АДТ подружница Скопје“ кон сметките на правните лица „Глобал констракшн компани“, „Топометрија“ и „Инвикта“ во вкупен износ од над 31 милион евра.
Преку филијалата на „Стопанска банка“ АД Скопје во Неготино се одвивала исплатата на кеш на стотина грчки државјани. На овие лица преку банката кешот им бил исплаќан по основа на договор за дело. При секоја исплата, била присутна Атина Зога, сметководителка на „Актор“, на која ѝ била давана готовината. Сумите биле од 20.000 до 90 илјади евра.
В. Маглешов